Сакаш патувања низ светот, сакаш да посетуваш далечни места, но не си стјуардеса ниту пилот? Тогаш прочитај ги овие неколку златни правила кои што се веќе проверени и ќе ти помогнат при организација на твоето следно далечно “low cost” патување. Постов е за сите оние што преферираат две квалитетни патувања годишно наспроти 15 викенди во Грчка/Охрид и “шопинг” во Милано. Овие совети се за сите оние кои што сакаат малку авантура и излез од комфорт зона. Оние што имаат искусено патувања организирани во сопствена режија знаат која е убавината, адреналинот и слободата што ниту една агенција не може да ти ги даде, нема врска дали е low cost или обична туристичка агенција. Затоа ако не се пронаоѓаш од старт во ова што досега го пишав мислам дека нема да ти користат работиве што ќе ги спомнам подоле.

  • Планирај го твоето патување однапред, понекогаш и пола година и година однапред. Верувај ќе ти искочи како да го отплаќаш на рати и ќе имаш многу време да го испланираш секој детал. Денес постојат многу веб страни кои што секојдневно ги пронаоѓаат најдобрите понуди за летови и хотели, само треба редовно да ги пратите и да бидете брзи. Не се фаќајте конкретно за една дестинација, имајте на листа неколку и сигурно за една од нив ќе ви се погоди добра зделка. 

 

  • Поврзи се со локалци од местото кои што сакаат да запознаваат и да им помагаат на луѓето што ја посетуваат нивната земја (couchsurfing) е одлично место за тоа. Овие луѓе верувале или не ќе ви ги дадат секогаш најточните информации и ќе ви помогнат во организација на вашето патување со искрени совети 

 

  • Проценувајте убаво кога треба да потрошите денар повеќе а кога не, не за џабе поговорката вели “сиромавиот два пати плаќа”. Многу често за да се заштеди на пари се решаваме на некои работи за кои подоцна ќе зажалиме. Од типот на превоз, автобуси кои може да ви изгубат ден два само поради тоа што не сме сакале да си дозволиме приватен директен трансфер или авионски билет за нијанса поскап или евтино сместување кое што е надвор од градот и ќе потрошите повеќе пари за превоз. Заштедувајте на пример на сместување кога при долги патувања и посета на многу градови ви треба сместување само на неколку часа. Тука одберете некое нормално и чисто хостелче. Нема поента во букирање на јаки хотели ако немате време ни кога да се го испите вашето кафе таму. Исто така многу често и ноќните автобуси на големи далечини се добар избор за заштеда на пари и време. Најчесто тие автобуси се со седишта кои што се претвараат во целосни кревети. Но осигурајте се прво дали во земјата е безбедно да се патува навечер.

 

  • Време. Ах тоа време. Време за организација, време за читање блогови, време за контактирање луѓе за информации… но и време за патување. Колку повеќе денови имате толку поевтино. Факт е дека ако имате само две недели и одите на другата страна од светот ќе потрошите многу повеќе отколку да останете месец ипол или месец. Но од друга страна факт е дека многу луѓе не можат да си дозволат толку големо отсуство од работа. Затоа тие што можат ќе бидат навистина среќни да истражат дури и неколку држави во рок од месец дена и сепак да не потрошат многу.

 

  • Читајте блогови за патувања, многууу блогови. Но прво одлучете каков тип на патување сакате и врз основа на тоа изберете каков блог за патување ќе читате. Дали патувате сами, дали со семејство итн. Јас благодарение на информации што ги имам најдено на блогови имам посетено и уникатни места што сама никогаш не би ги нашла.

 

  • Ослободи се од стравот. Од стравот дека нешто ќе тргне погрешно, дека ќе ти го откажат летот, дека ќе те ограбат… од сите места што сум ги посетила до сега научив една многу важна работа: секогаш, СЕКОГАШ ќе има некој што ќе ти помогне доколку се најдеш во неволја, каде и да си на светот и досега ова ми се потврдило безброј пати. Јас мислам дека стравот е воедно една од најглавните причини поради која луѓето се одлучуваат да патуваат со туристичка агенција. 

***Бонус совет– најубавите патувања се сами или во пар. Тројца луѓе се ок, а повеќе од тоа веќе не станува збор за “лесно” патување 🙂