Тел Авив
Тел Авив е можеби едно од понеобичните места што ги имам посетено. Градот во кој што има мешавина на култура, традиција и религија. Модерен и слободоумен, познат како градот на ноќниот живот и пријател на хомосексуалците, дом на сурфери и многу настани –  тоа е Тел Авив

Доволни се 24 часа за да имате некоја основна слика за тоа како изгледа и што се случува во Тел Авив.  Уште од почеток ќе нагласам дека Тел Авив е скап град, да не речам супер скап. За среќа јавниот превоз и сместувањето имаат некои нормални цени.

Пристигнавме во Тел Авив со Wizzair со директен лет од Софија, понекогаш се наоѓаат повратни карти и за само 40 евра (доволна причина да размислите за вашата следна дестинација). Времето во Тел Авив во декември/јануари е пријатно, но сепак некои денови доста ветровито и врнежливо. Аеродромот во Тел Авив е поврзан со воз до главната железничка станица во градот кој што чини околу 3 евра во правец.

  • Низ уличките на Тел Авив
  • Тел Авив е град со пространи плажи, море, модерен дел со огромни згради и интересна архитектура, стариот дел на Јафа, многу барови, ресторани, пазари и луд ноќен живот. Доколку и вие сте на кратко време во Тел Авив, започнете го денот со прошетка низ стариот дел на Јафа и изгубете се низ тесните улички, за ручек обавезно пробајте хумус или фалафел во некој од локалните ресторанчиња.

Old Jaffa

  • Во стариот дел на Јафа се наоѓа и мостот на желбите со сите хороскопски знаци. Продолжете со прошетка покрај морето накај новиот дел на Тел Авив и уживајте додека ги гледате сурферите како ги фаќаат брановите пред зајдисонцеАко ве интересира архитектура, посетете го Azrieli center, а во негова близина се наоѓа и музејот Tel Aviv Museum of Art.

Azrieli center

 

  • Во истата населба има и едно фенси место Sarona market каде што може да пробате различна храна од различни кујни. Булеварот Rothschild е уште едно место каде што може да отидете на прошетка или на кафе, или пак да возите велосипед. Средната лента на булеварот е цела со дрвја, велосипедски и пешачки патеки и барчиња. Велат дека во секој град треба да посетите и локален пазар, па затоа упатете се накај Carmel Market, нешто слично на наш Бит пазар. Ние скоро насекаде одевме пешки и покрај тоа што не е се така блиску. Ако ви е мака од пешачење може да си изнајмите точак или да користите градски превоз кој што функционира супер и секад на време.

 

Rotschild Boulevard
Carmel market
Halva, Carmel market

 

  • Безбедност

До последен момент не знаевме дали ќе патуваме во Израел бидејќи нели американскиот дворски шут направи интересна фрка со Ерусалим, и тоа што го гледавме на тв и нет беше супер опасно. Епа дечки еве ќе ви кажам јас дека тоа што сме го гледале врска немало со тоа што навистина се случуваше во Ерусалим и Тел Авив. Прво насекаде ги имате овие дечкиве со пушкиве, второ насекаде има контрола и скенери, па дури и на самата автобуска станица. Израел има развиено многу добар безбедносен систем и воедно туристите се гледаат како нешто свето. Баш еден Србин ни раскажа дека кога бил во Ерусалим пред некое време и се спремале нереди, дошле и во хотелот им најавиле дека треба да се тргнат од градот. Во Ерусалим исто така беше мирно и си течеше нормалниот живот. Единствената грда ситуација што ја видовме беше последната вечер во Тел Авив, во стариот дел на Јафа, на сто метри од нас во еден момент слушнавме како полиција збори на разглас на нивниот чуден јазик и додека се свртевме нешто пукна. Локалците ни кажаа дека станува збор за мала бомба, што е скоро нормално во градот. Не поминаа ни десет минути сите освен ние се вратија во нормала 🙂

  • Виза и граница

Виза за Израел не ни е потребна. Искрено мислев дека ќе има гњаважа на пристигнување на пасошка контрола при влез во Израел но за чудо на влагање поминавме без проблем. И нели муабетот ако ти стават печат од Израел во пасош после тоа ќе имаш проблеми ако сакаш да патуваш во одредени муслимански земји, нема проблем, без никаква навреда они сега скоро на сите им даваат влезни/излезни картички наместо печат, така да ништо нема да ви стои во пасош. Ако излегувате од Израел преку копно на граница се плаѓа излезна такса од 30 долари. Е сега да раскажам што може да ве снајде на излез од Израел на аеродром. Со оглед на тоа дека сум била во Јордан и Мароко (читај муслимански земји) младата девојка на секјурити контрол реши да ми бапне една жолта налепница која во превод била дека јас сум можеби опасност за Израел, бидејќи нели сум била во неколку муслимански земји и покрај тоа што изглеам така фино и културно, можеби носам експлозив. Е така они решија да не стават во посебен ред каде што има посебни скенери и чуда и каде што го проверуваат секое делче што го носите за не дај боже да не имате нешто што не треба.

  • Пушки

Пред да патувам во Израел многумина ми раскажуваа за тоа како таму сите носат пушки и ред други работи и еве сега навистина се уверив. Пушки другари на сите страни, млади згодни девојки со пушки, деца кои едвај имаат 18 години со пушки, нас не фаќа страв само што ги гледаме, а они како модни додатоци си ги држат на себе. Ок, добредојдовте во Израел. Уствари на крај заклучив дека ние скоро нигде не видовме полиција, а зошто им е полиција кога си ги имаат младичиве со пушки на сите страни. Се чуствувавме цело време како со обезбедување, затоа што каде и да одевме, буквално каде и да одевме пред нас или позади нас имаше некој со пушка што си тера и си брка дневни обврски. Дури и на едно подолго патување во бус вриеше од такви деца со пушки, си ги ставаат меѓу седиште и тераат.

  • Луѓе и јазик

Хебрејски, само хебрејски и понекаде руски. Руски затоа што уште на времето тука се доселила голема заедница на руски евреи и затоа на доста места под хебрејски стоеше и руски. Колку е иритирачко чуството кога не знаеш да прочита и да разбереш што пишува, па дури ни станиците на бусот да не знаеш каде да се симнеш, навистина непријатно чувство. Кога ми даваа да потпишам сметки автоматски го вртев листот наопачки ама не тој прав си бил, само што јас ништо не разбирам, можеби и јас името требаше наопачки да го пишувам. А дека се им е од обратна страна таму потврдува и тоа дека на ескалатор не се стои од десна туку од лева 🙂 Туку добро ќе беше да е само јазикот таков, за жал некако и луѓето ми беа леви. Имавме неколку непријатни искуства, не сакам да генерализирам, но и претходно ми го кажуваа тоа луѓе што веќе патувале во Израел. Луѓево тука се некако посебни во се, малку дрски и одма се лутат без причина.

  • Shabbat

Shabbat е еврејскиот ден за одмор, започнува на зајдисонце во петок и завршува во сабота навечер. За време на shabbat никој и ништо не работи, тој ден е за семејството и за вкусна храна. Ако сте се нашле негде заглавени ќе останете таму, дури ако и вашата кола е на некој паркинг, на тој ден се спушта рампа и се одмара. Само во муслиманските делови ќе најдете нешто отворено за храна или превоз. Овие ептен сериозно си го сфаќаат денов и дури негде прочитав дека и во некои згради лифтот застанува на секој спрат сам за да не се мачат луѓето да стискаат на копчето. Заклучок ако имате нешто важно петок према сабота убаво да си се организирате со време зошто овие не се зафркаваат и поштено може да се зезнете. Сета среќа што нашиот лет за Софија беше рано наутро.

На крај ќе кажам дека не постои место на светов каде што не може да видите и да научите нешто ново и како и секаде така и тука си има убави и неубави работи. Но ако навистина сакате да видите нешто поразлично а сепак не толку далеку до Македонија, дефинитивно ви советувам да го посетите Израел и секако да имате дебели живци со луѓево и аеродромските контроли 🙂

Falafel

Тел Авив