доминиканска република
Што прво ви паѓа на памет кога некој ќе ви каже Доминиканска Република ? Сигурна сум дека истото што и на мене – рајски плажи, кристално море, палми, кокос …

Сакам веднаш да одговорам на прашањето: сопствена режија или агенција ?

Ова патување беше едно од малкуте организирани агенциски патувања во мојот живот. Сакав да пробам како ќе се чуствувам на типичен одмор на Карибите, All Inclusive ко што би рекле и од пиле млеко во тогаш најдобриот хотел во Пунта Кана. Отидов, видов, пробав и едвај издржав, заклучок никогаш повеќе такво организирано патување, па сепак ако се одлучите за одмор на овој рајски остров мојот одговор е сопствена режија !

Но да одиме од почеток, да ги видиме позитивните и негативните страни на ова рајско место.

Како да стигнете?

Доминиканска Република е доста добро поврзана со повеќе директни летови од различни европски градови. Ако знаете точно кога сакате да одите и почнете со време да барате карти може да најдете и доста економични цени, као на пример 500 евра повратна карта од некој европски град. Ние летавме до директен лет од Париз до Пунта Кана, со компанијата Air France. Ако сте на пример во Америка и од таму сакате да тркнете до Доминиканска, уште подобро, имаат многу евтини летови и супер понуди за овој остров, токму поради тоа ќе забележите дека Американците се најбројни. Инаку најдобар период за патување во Доминиканска е за време на нашите зимски месеци.

Каде да се сместите?

Прво да разјасниме, Пунта Кана е најразвиениот и најмодерниот дел во цела Доминиканска Република, не знам колку сте запознаени но островот го делат две држави Доминиканска и Хаити. Хаити е навистина сиромашна земја и затоа ќе сретнете многу луѓе дојдени во Доминиканска во потрага по работа и подобар живот. Најчесто скоро сите оние што патуваат се сместуваат во Пунта Кана, тука ќе најдете и најголем избор на хотели и останато сместување. Но има и луѓе што го избираат северниот дел на Доминиканска и најчесто местата Пуерто Плата и Лас Теренас. Претежно сите хотели функционираат на база сè вклучено, ама буквално сè. Доколку се одлучите да патувате во сопствена режија, на интернет може да си најдете еден куп пристојни хотелчиња со базенче на сама плажа и каде што се ќе ви биде при рака, и што е најинтересно за многу понормална цена. Исто така и на airbnb има доста избор за сместување во Пунта Кана.

Ќе раскажам за моето искуство во Hard Rock Hotel&Casino Punta Cana.  Хотелот се сметаше за бр.1 според многу познати списанија и агенции, навистина местото е лудница. За да се движите внатре треба да фатите бусче што ќе ве однесе до плажа, до базен или до ресторан. Имаше безброј ресторани, продавници, кафичи, дискотеки, 12 базени и што ли уште не. Арно ама овие хотели ми се некако многу амерички филм, буквално лежиш, јадеш, базен, плажа, базен, пиеш, јадеш, малце у казино, спиеш и другиот ден истото. Искрено за луѓе како мене што не се убиваат од јадење и пиење нема поента да се оди на вакви места, зашо на моменти ти е криво коа ги глеаш овие Американциве као се дупнуваат од пиење а ти едвај два коктели.

Една мала негативна забелешка за овие ултра луксузни сместувања каде што сè е совршено: Имав случка кога собарката ме замоли да и нарачам ручек (компирчиња и пиле) дека знае на нас таму ни е сè вклучено, останав подзината, мислев дека и они може да јадат од сите тие работи што ги има таму, но не, они имаат посебен ручек, и тоа многу сиромашен ручек. Па каков е овој свет, каков е тој одмор и уживање ако се сместуваш на место каде што локалците ти се слуги а ти си Бог, зарем има некаква убавина во тоа ти да уживаш и да се расфрлаш а некој друг да те моли да му нарачаш компирчиња?! Или пак друга случка, една млада келнерка влага во вода да им ги однесе коктелите на Американциве дека нели они сеа не може да искачаат да се помачат да ги земат. Каде и да седев, било да е во базен, лежалка или плажа на секои пет минути доаѓаше некој да ме праша дали сакам да ми донесат нешто за пиење или за јадење. Најоткаченото нешто што го видов е дека и пред тоалетите имаше шанкови, за не дај боже ако ти се припие некој коктел да не трпиш па одма да си земеш.

Можеби ова беше решителниот момент дека јас не припаѓам таму, и затоа ќе кажам тоа беше моето прво и последно патување во All Inclusive ресорт.

доминиканска република
Доминиканска Република
Hard Rock Hotel&Casino

Луѓе и начин на живот

За луѓето можам многу да зборувам и мислам дека сеуште ја чуствувам нивната енергија и широка насмевка. Со оглед на тоа што бев сместена во ресорт со 5 звезди од старт ми стана јасно дека ќе се чуствувам како во затвор, затоа што е многу потешко да дојдеш во контакт со локалци. А и самите вработени у хотелов не предупредуваа да не искачаме подалеку од хотел пешки или со било кое такси затоа што ќе сме биле ограбени, нели логично чим спиеш у таков хотел во нивните очи си веќе добар плен. Мислам дека сето ова немаше врска со реалноста, и се беше маркетинг за они да ти наплаќаат дупли цени со нивен приватен трансфер и ред други работи. Ова го заклучив разговарајќи со неколку луѓе кои што работеа во хотелот.

Едно утро се запознав со нашата собарка на мојот едвај разбирлив шпански и така дознав многу работи. Женичкава доаѓаше од едно место што се вика Higuey (познато по уникатната катедрала), имаше 45 години, четири деца и сопруг, нејзината најстара ќерка имаше 30 години, значи ја родила на 15 години. Почна женава да ми раскажува за животот тука за нивната филозофија, дека за да бидеш среќен ти треба само еден покрив над глава, здравје, малку храна, љубов и многу бачата. Едвај чекаше да и заврши работното време и да се врати дома за да се подготви за вечерна искачанка, ќе оделе со сопругот на бачата.

Си чисти женава и си свирка. Еве верувајте ми дека од шеф до чистач на вц сите беа распеани мислиш небаре животот им е песна и ништо не им е тешко, ај што беа распеани, ама на секое поминување имаше некој што ме поздравува Ола Ола Ола, на моменти си викаш аман бре ок е, ме поздрави другарот пред тебе доволно е, ама не, мора секој да те поздрави, заклучок додека одиш свиркај си Ола ола ола ола. Собаркава откако виде дека сум дружељубива секој ден гледаше да ме начека негде и да си помуабетиме, пред да си одам дури и ми кажа во фаца: “Вие што доаѓате од Европа тука, што мислите дека имате сè, всушност сте најтажните луѓе што некогаш сум ги видела. Вие не сте среќни како нас. Како може да мислите само на работа и пари, па вие кога се сакате? Кога танцувате?” за на крај да ми го остави нејзиниот број да се допишуваме на whatsapp и ако решам пак да се вратам она ќе ме угости и ќе ми го покаже вистионскиот живот на островот, и ми се понуди дури и да ми најде убав дечко што знае да танцува хахах

Другите локалци што ги запознав беа исто така вработени како аниматори во хотелот, скоро сите беа 20 годишни деца дојдени од главниот град Санто Доминго и сите беа навистина фини и покрај тоа што многу од нив појма немаа за Македонија. Но беа на располагање да ве анимираат по цели денови. Шанкерите исто така сакал нејќел ќе ти станат другари па и од нив ќе чуеш секакви приказни а и они беа тука да ти го направат совршениот коктел, еден дури се качи на палма за да ми скине кокос, тука зборот на гостите е најважен и мора да биде испочитуван.

За жал во градот Пунта Кана и проституцијата е на високо ниво, познато е местово по секс туризам, така да во секој бар, дискотека може да најдете девојки кои го работат тоа. Кога бевме на една прошетка низ градот, се разбира организирана, исто така видов многу различни луѓе и претежно сите живееа во сиромаштија, но сите беа насмеани и разиграни, дали беше до сонцето и морето, дали има нешто во воздухот, но овие луѓе навистина зрачат со енергија, просто не можам да ви опишам колку добра и позитивна енергија носам од тоа место и секако голема желба за танцување. Всушност бачата и меренге потекнуваат токму од тука, па така омилен ни стана на сите Ромео Сантос – кралот на бачатата, насекаде се слушаа неговите песни па сакал нејќел ќе ги научиш и ќе заиграш.

 

Плажи и места за посета

Доаѓаме до најинтересниот дел – плажи, навистина рајски плажи за кои што е залудно да се раскажува. Во целиот регион на Пунта Кана ќе најдете совршени плажи ама за уникатно искуство ви предлагам да ја посетите плажата Juanillo beach и да отиде на тура со катамаран на островот Isla Saona, попатно ќе имате шанса и да уживате во природните базени во сред море и да пливате со морските ѕвезди. Сите тури и места што се одлучивме да ги правиме беа секако организирани преку хотелов, но ако одите на своја режија дефинитвно може да ги правите истите работи и за доста поевтини пари. Може да се одлучите за јавање на коњи покрај плажа, за возење со buggy, истражување на околните плажи со катамаран. Посета на градот, локално семејство и посета на плантажи со кафе, банани и ванила. Посета на главниот град Санто Доминго. Доминиканска Република е позната по производство на пури и рум, така да ако се решите да си купите нешто вакво за спомен дефинитивно мора многу да се ценкате.

Isla Saona

локално Диско
локална Банка
супермаркет

 

И за крај навистина вреди еднаш во животот да го посетите ова рајско место. Не за џабе многу луѓе од Европа па дури и од Македонија откако еднаш ќе ја посетат се враќаат назад и остануваат да живеат таму. Слушнавме многу такви приказни за наши луѓе што останале. Навистина има нешто во тој воздух. Велат среќата е во малите работи како на пример во дворот да ти расте кафе, банани и ванила, или да го слушаш ритамот на бачатата додека уживаш во зајдисонцето на некоја долга песочна рајска плажа