Ханој е главниот град на Виетнам, местенцето има само 7 ипол милиони жители и е уште еден типичен азиски град. Нашиот лет од и до Виетнам беше токму од тука. Претежно сите летови за Виетнам се до Ханој или до Хо Ши Минх (Сајгон).
За жал немавме многу време да посветиме на овој град и нашата посета траеше цели 24 часа. Одлучивме да не ги посетуваме сите места што беа набројани низ интернет и по водичи, и решивме да ги избереме местата што нас ни изгледаа најинтересни. Овие се моите топ 5 места што треба да ги посетите во Ханој:
  • Посета на Lotte observation deck

Станува збор за висококатница од каде што ќе уживате во панорамскиот поглед на Ханој. Влезница е 10 долари, доколу одите наутро до 10 часот влезницата е со 50% попуст. На врвот има и барче каде што може и нешто да се напиете. Мој совет е да одите наутро затоа што целото место ќе биде само за вас, скоро и да немаше ниту еден друг посетител во тоа време.

  • Квартот низ кој минува воз два пати дневно

Најблиската уличка во стариот дел на Ханој низ која што поминува возот се наоѓа помеѓу улиците Kham Tien и Le Duan, точната адреса која што треба да ја пишете на гугл е Ngo 224 Le Duan. Возот поминува два пати дневно, едниот е во 15.30 а другиот е во 19.30. Ова беше едно од најуникатните искуства во Виетнам, како луѓево живеат буквално како ништо да не се случува, како веќе да имаат вграден часовник и знаат кога треба да си ги соберат работите од пругата. Пред и после поминувањето на возот секој си ја врши својата работа во дворчето (читај на пругата).

На шините се готви, се работи, се игра, се извршуваат секојдневни домашни обврски, и наеднаш за момент се расчистува сè, поминува огромниот бучен ѕвер и за неколку минути се враќа сè во нормала. А само ние туристите зачудени како тоа сме виделе огромен воз кој штотуку ни поминал пред нос и за малку не ни го допрел лицето. Само што замина последниот вагон пред мене ја видов отворената врата на соседната куќа и луѓето како си ручаат на маса, како ништо да не се случило, а ние возбудени останавме уште некоја минута да се чудиме што видовме.

Убаво е да дојдете тука половина час или час пред да дојде возот, така ќе имате време да си направите интересни фотографии и да видите како се одвива секојдневниот живот на локалците од таа позната улица, навидум обична улица како и сите останати од стариот дел на Ханоj, но шините и возот ја прават интересна и посебна.

  • Стариот дел на градот

Стариот дел на Ханоj е навистина посебен, тука мислам дека би поминала и неколку дена, само да талкам низ улици и да фотографирам. Навистина ако сте и вие вљубени во фотографија местово изобилува со супер моменти за улична и портрет фотографија. И да не ве интересира фотографија би требало да дојдете тука и да се изгубите низ уличките полни со секакви продавнички и улични продавачи, но исто така и многу интересни барчиња и ресторанчиња. Едноставно нема потреба многу да се раскажува за овој дел, тој треба да се доживее и само така ќе го почуствувате вистинскиот дух на Ханоj и Виетнам.

  • Езерото Hoan Kiem

Езерцево е супер за утринска или вечерна прошетка. На самото езеро се наоѓа и храмот Ngoc Son.

 

  • The Note coffee

Во овој кафич може да го пробате и традиционалното кафе со јајце. Местово е навистина интересно уредено, бидејќи целото е исполепено со забелешки во различни бои. Има неколку ката и сите се интересни и доволно примамливи за да направите кафе пауза за време на вашата прошетка низ Ханоj. Мој совет е да го искомбинирате кафичов со езерото бидејќи се во непосредна близина.

 

Бонус предлог:

На зајдисонце посетете го West Lake и пагодата Tran Quoc, за жал ние не успеавме да го направиме тоа.

За убаво да го завршите денот одете на пијачка или вечера во еден од rooftop баровите на кружниот тек/плоштад (Quảng trường Đông Kinh Nghĩa Thục) и уживајте во погледот на сообраќајниот хаос и светлечките реклами

Доколку ви требаат општи инфромации за организација на вашето патување во Виетнам прочитајте го и овој пост