Petra
Јордан отсекогаш ми се чинел како далечна и скапа дестинација, се додека еден ден не седнав и убаво ги разгледав сите можности како може да се стигне до таму. Со оглед на тоа што граничи со Израел веднаш ми светна идеја за моето следно патување. Како што веќе кажав во еден претходен пост, имаме многу евтини летови од Софија за Тел Авив, а од таму за само шест часа со бус сте веќе на Јорданска граница. Јордан е монархија и има крал, и бидете спремни дека насекаде околу вас ќе гледате слики од кралот, почнувајќи од самата граница.

 

  • Виза

Најинтересниот дел за ова патување беше тоа што не можеше да се дојде до точни и прецизни информации за виза и таксени трошоци, па сепак отидовме на ризик. Ја минавме границата на граничниот премин Еилат – Акаба и тука се ни стана јасно. Виза за Македонски државјани се добива на самата граница, доколку останете барем две ноќи во Јордан и влезете во Петра тогаш сте ослободени од било какви такси и единствено што треба да платите е излезна такса од Јордан (10 ЈД). Ова беше доста олеснително, затоа што според тоа што го читав претходно излегуваше дека се плаќа влез околу 90 долари.

  • Превоз

Како и во повеќето арапски земји така и тука луѓево се малце нападни. Само што напраивме чекор надвор од граница ете ти едно десет таксисти не опколија за да не однесат до градот. Имавме случка каде што завршивме на една “импровизирана” автобуска станица за да фатиме бус за Петра и буквално се најдовме сред еден куп луѓе кои се надвикуваа кој да не однесе, цената што ја кажуваа некако не ни беше за верување па решивме да прашаме една девојка што во тој момент се симнуваше од такси, само што тргнавме накај неа дечкиве ја опкружија девојката и она буквално не одговараше на нашето прашање бидејќи нели нема право на збор и треба да ги слушаме мажите околу неа. Со оваа случка ни стана јасно кое е местото на жената во оваа земја.

Откако решивме да одиме со дечкиве прво не можевме да се разбереме за кај иде бусот, знаевме дека главен град на Јордан е Аман и ни се слушаше цело време дека бусов иде накај Аман арно ама овие да ти викале цело време Маан, тоа е гратче во близина на Петра, и додека се разбереме буквално да ти пукне филмот и да им кажеш АМАН веќе ајде ок е одиме. Интересна работа за превозот тука е тоа што нели треба многу да се ценкате, но особено ни падна во очи фактот како еден човек договара цена, друг човек вози и трет собира пари и ти кажува трета цена. Арно ама они не знаеа со кого си имаат работа, па така секад си ја плаќавме првично договорената цена. Значи голема упорност, живци и дарба за ценкање. По патот често се случува комбето да го запре полиција, и првиот пат кога го сопре им беа побарани пасошите само на машките патници, уште еден знак кое е местото на жената во нивното општество.

  • Луѓе

Во споредба со Израелците, овде луѓето се чини дека се многу помили и пољубезни и покрај тоа што на моменти напињаат. Израелците се сметаат за нешто над нив но искрено многу пофино си пројдовме со луѓето во Јордан отколку со оние во Израел. Особено со бедуините кои ќе направат се за да се чуствувате пријатно, дури и ќе ви ја продолжат турата и ќе ви прават откачени фотки само за вие да бидете задоволни. Тие се чесни и насмеани, среќни што се родиле во пустината и живеат за неа. Како кози се качуваат по карпите, ги знаат сите камења, секое делче од пустината, живеат во хармонија со неа. Луѓево ти создаваат такво чуство на сигурност што за момент и ние почнавме да ги следиме и да се качуваме по стрмните карпи. Сите, ама буквално сите што ги сретнавме знаат англиски, па дури и луѓето што сеуште живеат во пештерите и пасат кози. Секој што не сретна по патот не праша од каде сме и ни посака добредојде со насмевка. Имавме случка во комбето за време на патувањето од Маан до Петра, имаше две девојчиња што седеа пред нас, и наеднаш отворија една кутија со чоколатца и не послужија само нас, можеби дека беше Нова Година или дека бевме странци не знам, но ете уште еден убав гест од нивна страна.

  • Храна

Хумус, фалафел, кебап, зеленчук и многу убави лепчиња. Ќе најдете голем избор на храна насекаде и цените се движат од 1.50 ЈД (1 јордански динар = 72 МКД ) па нагоре. Мој совет е кога ќе ја посетувате Петра околу локалитетот и внатре во самиот локалитет има многу ресторанчиња и доста солени цени, така да најубаво е да си понесете храна и вода со себе од дома. Минимаркетите се одлично снабдени и ги има на секој чекор во градот Петра. Само што нема цена на ништо така да бидете сигурни дека за нас што не сме локалци сигурно има посебни цени.

  • Петра

Првичниот впечаток кога пристигнувате во градот Петра е “кај дојдовме?!?” во не баш убава смисла на зборот. Навистина делува некако разрушено и запуштено, башка нас ни се погоди облачно и дождливо време и беше навистина лоша глетка. За сета среќа денот што ни беше посветен на локалитетот Петра беше супер. Советувам да останете барем една ноќ во Петра така што ќе може утрото рано да влезете на локалитетот и да ги избегнете гужвите. Влезница за еден ден е 50 ЈД за два дена 55 ЈД во превод ова е најскапото светско чудо, после него следува Мачу Пичу. Три пати во неделата има и спектакл Petra by night каде што се е осветлено со свеќи и вие ќе седите на земја и ќе пиете чај од нане додека ви раскажуваат приказни, тоа задоволство ќе ве чини 17 ЈД и трае околу два часа.

Petra

Спремете се многу да пешачите, барем едно 24 км. Ја советувам Петра на есен или пролет, затоа што летно време мислам дека ќе припаднете сред тие карпи и песок. Навистина изгубениот град делува магично и тука си рековме е оваа е таа Петра што ја баравме. Времето застанато, целото место е филм, а и не за џабе тука се снимени безброј филмови. Патот најпрво ве води низ Siq, огромен црвено – розев кањон, а потоа наеднаш пред вас магично ќе се отвори The Treasury ископан во огромна карпа, од тука може да се искачите на самиот врв и да имате прекрасна панорамска глетка од врвот, и покрај тоа што патот до горе е навистина адреналински 🙂

По патот ќе го видите The Theatre, Royal Tombs и ќе завршите со посета на The Monastery до кој што патот е навистина тежок, само 800 скали, многу коњи и магариња од кои што треба да се пазите да не ве сопнат они вас или вие нив. Да, главното превозно средство тука се коњи и магариња, и навистина се скапи, но ако сакате превоз до одредено место во локалитетот тоа е единствена опција. Сироти магариња сите беа многу тажни се гледа дека се многу малтретирани.

По патот до манастирот видовме многу откачени работи како на пример луѓе што живеат во пештера и си го паркираат џипот во соседната пештера. Луѓе што продаваат што им се нашло по дома, некои чудни парички и камења, но најмногу од луѓето продаваат марами и магнети. Позади една карпа која што имаше прекрасен поглед над Манастирот сретнавме еден искулиран локалец, кој што не праша од кај сме и ни ја раскажа неговата филозофија за животот, како тоа он си седи лабав на карпава со поглед и дека нема жена нема главоболка и продолжи да си свирка. Друг локалец ни раскажа како он се преселил во една од пештерите тука и многу му бил убав животот, нема струја, имал само вода ама имал и мобилен со интернет. Приказни илјада и една, и залудно е да се раскажува, се надевам ќе имате можност еден ден да го видите ова светско чудо кое што дефинитивно ќе ве остави без зборови.

  • Вади Рум

Дали сте ги гледале филмовите Lawrence of Arabia, The Martian, Transformers? Ако одговорот е да тогаш сигурно знаете дека се снимени во оваа пустина. На само час и половина од Петра ќе пристигнете во Вади Рум, мало селце и огромна пустина. Карпи, песочни дини, кањони, мостови, бедуински кампови. Од еден филм повторно влагаме во друг. Кога времето е потопло убаво е и да поминете една ноќ во некој од бедуинските кампови. Но бидејќи беше зима и навечер температурите се спуштаа многу под нула одлучивме за неколку часовна тура со џипови. Првичната цена за џипот за тура од 2 часа беше 35 ЈД, ја спуштивме на 30 и турата траеше 3 часа. Значи повторно многу трпение и дарба за ценкање. Тука навистина нема да раскажувам многу затоа што залудно е, еве погледнете сами и одлучете, и да, ова место навистина се наоѓа на планетата Земја